Бојан Диков има период во кој тренира по четири-пет часа дневно, води групи и целиот свој живот го замислува околу боречките вештини. Потоа го повредува рамото. Во првата епизода од четвртата сезона на „Како си?“ зборуваме за стравот, спортот, повредите и зошто телото понекогаш закрепнува пред умот.
Приказната на Бојан со тренингот почнува прилично случајно. Осмо одделение е и со другарите се враќаат од град кога во парк во Кисела Вода некој му вели дека не може да направи 30 склека. Дотогаш никогаш немал направено толку, но сепак се фаќа за предизвикот и ги прави таму, во кошула. Денес признава дека веројатно не сите биле баш правилни.
Тоа лето игра видеоигри до два-три часот наутро и си поставува едноставно правило: секогаш кога ќе се смени стазата, станува и прави 30 склека. Игра десетина минути, прави склекови, па повторно седнува. Во една вечер стигнува и до 150, а наскоро додава стомачни и чучњеви. Почнува да забележува промени на себе и тренингот полека станува дел од неговото секојдневие.
Неколку месеци подоцна се запишува на боречки вештини, но зад таа одлука веќе има нешто повеќе од желбата да стане физички посилен.
Стравот поради кој почнува да тренира
Во основно училиште Бојан има искуства со булинг и вели дека отсекогаш избегнувал тепачки. Се сеќава и на ситуација во близина на неговиот дом кога неколку момчиња се обиделе насилно да му го земат телефонот. Не сакал повеќе стравот да одлучува што ќе направи во такви моменти.
„Имав некој вид на страв којшто сакав да го... се соочам со него за да го решам и затоа почнав. Тоа беше причината зашто почнав со боречки вештини да тренирам.“
На почетокот очекувал дека боречките вештини ќе го научат да се тепа. Наместо тоа, со текот на времето таму добива дисциплина, самоконтрола и самодоверба. Колку повеќе учи да се бори, толку помалку чувствува потреба да го прави тоа надвор од салата.
„Иако знаеш дека некого можеш да совладаш, не го правиш тоа. Едноставно се соочуваш сам со себе.“
Во истата сала почнува и да им помага на други. Вели дека отсекогаш, кога ќе научел нешто ново, имал потреба да го пренесе на некој друг. На 17 години веќе води тренинзи, а боречките вештини зафаќаат сè поголем дел од неговиот ден.
Во еден период стигнува до околу 15 тренинга неделно. По училиште оди директно во сала, каде што понекогаш останува четири-пет часа. Води групи, а паралелно тренира мешани боречки вештини, бразилско џиу-џицу и Џит Кун До. Тренира од понеделник до сабота и веќе има прилично јасна претстава за тоа како сака да изгледа неговиот живот. Сака своја школа за боречки вештини, црн појас и натпревари.
Токму во тој период почнуваат проблемите со рамото.
Кога не можеш да го правиш единственото нешто што сакаш да го правиш
Кога во разговорот го прашувам како би одговорил на „Како си?“ во периодот по повредата, Бојан се враќа на тоа колку голем дел од животот му бил врзан за спортот.
„Не знам, лошо. Мислам, дефинитивно влијаеше тоа. Ми се срушија сите бродови, светот ми пропадна.“
Не престанува веднаш да тренира. Следните две години се обидува да продолжи и покрај рамото. Ќе го повреди, ќе направи пауза од две недели, ќе се врати и по некое време повторно ќе заврши на истото место. Со секој нов обид станува повнимателен и почнува да избегнува движења за кои мисли дека можат повторно да го повредат.
Во еден момент стигнува до тоа да ја држи десната рака до телото и да продолжува да се бори само со левата. Пробува мраз, масажи, киропрактичари и различни начини да го реши проблемот. Вели дека во тоа време нема толку информации како денес, а нема ни некој околу себе кој знае како да му помогне да се врати од ваква повреда.
„Да имав тренер како од оваа страна сум сега јас, што ќе можам: ‘Еј, имам проблем со рамово, да ми помогнеш’... ќе го гледав него као Господ.“
Но кога зборува за тој период, најтешките моменти не ги памети по физичката болка. Памети дека се враќал дома и плачел, а мајка му го прашувала што му е. Не знаел како да ѝ објасни зошто повредата толку го погодува.
„Не може да ме разбере како е да сакаш да дадеш 100%, а да не можеш да дадеш 100%. А тоа ти е се што сакаш да го правиш.“
Тоа „се“ е важно за да се разбере зошто рамото станува толку голем проблем. Во салата не му е само тренингот. Таму му e работата како тренер, луѓето со кои поминува време и иднината што веќе почнал да ја замислува.
По околу две години обиди конечно оди да го сними рамото. Му кажуваат дека има оштетување поради кое рамото е нестабилно и дека, ако сака да продолжи со боречки вештини, една од опциите е операција.
Почнува да се подготвува за неа, но додека чека донесува друга одлука. Нема да се оперира, а ќе се откаже и од боречките вештини.
Во меѓувреме веќе студира на Факултетот за физичка култура, но околу два месеци речиси воопшто не е физички активен.
„Буквално емотивно, ментално се изгубив.“
Да најдеш друг начин да тренираш
Откажувањето од боречките вештини не значи и откажување од физичката активност. Бојан почнува повторно да бара што може да прави со телото што го има во тој момент. Се насочува кон фитнес, кружни тренинзи, кетлбел, пливање и велосипедизам и повторно доаѓа во добра физичка форма.
Рамото останува нешто на кое мора да внимава. Со години избегнува одредени движења, особено ситуации во кои не може целосно да контролира што ќе се случи. Како пример ја спомнува кошарката. Може да скокне по топка, некој да му даде мал отпор под кош и рамото повторно да му излезе.
После доволно такви искуства, проблемот веќе не е само дали рамото физички може да издржи.
„Ментално јас не верував дека некогаш ќе имам нормални раменици.“
Подоцна се запознава со ATG системот на вежбање и почнува поинаку да работи на слабостите што ги чувствува. Не почнува од нула, затоа што во меѓувреме продолжува да тренира, но постепено забележува дека може да прави работи што претходно ги избегнувал.
„Почна да ми се враќа менталното чувство на: ‘Еј, раменициве можат да ми бидат повторно нормални.’“
Токму тој дел од неговото искуство ми беше интересен и пред да ја снимиме епизодата. На еден пробен тренинг го прашав што е потешко по повреда: повторно да ја изградиш физичката сила или да се ослободиш од стравот дека ќе се повредиш уште еднаш.
Кога рамото е подобро, а стравот останува
За Бојан физичкиот дел е полесен.
„Стравот си останува некое време и треба одредено време да помине за умот повторно да може да се релаксира и да му верува на телото.“
Денес го гледа тоа и кај луѓето со кои работи. Некој може физички повторно да биде способен за одредено движење, а сепак несвесно да се штеди. Ако токму во таа позиција претходно почувствувал болка или се повредил, не е доволно само некој да му каже дека сега е посилен и дека може слободно да продолжи.
Кај Бојан довербата се враќа со повторување. Ќе направи нешто што долго го избегнувал и рамото ќе биде во ред. Потоа ќе го направи уште еднаш. Со текот на времето има сè повеќе искуства во кои движењето што порано го поврзувал со повреда веќе не завршува со болка или со исчашено рамо.
„Првин полесно е враќањето од повреда физички, потоа следи менталниот дел којшто е процес.“
Тоа искуство денес го носи и во начинот на кој работи како тренер. Кога некој доаѓа со повреда, не гледа само дали повторно може да крене одредена тежина или да го направи движењето. Го препознава и моментот кога човекот физички може, но сè уште не му верува целосно на сопственото тело.
На почетокот на епизодата го прашувам Бојан што за него значи ментално здравје. Дел од одговорот го врзува со тоа да го работи она што го сака и да им помага на други луѓе. Истата потреба ја имал уште како тинејџер, кога ќе научел нешто на тренинг и веднаш сакал да го покаже на некој друг.
Начинот на кој го прави тоа денес е различен од оној што го замислувал кога имал 17 години. Боречките вештини повеќе не му го исполнуваат денот со четири тренинга еден по друг, а црниот појас и сопствената школа не станале иднината што тогаш ја планирал. Повредата му го менува правецот, но не и желбата да остане во тренингот и да работи со други луѓе.
Можеби затоа денес, кога некој ќе му каже дека има проблем со рамото, Бојан точно знае зошто прашањето не е само: „Дали те боли?“

