All articles
August 19, 2026 · EP #107 · Како си?

Кога насилството ќе стане нормално

Во разговорот со Деспина Ковачевска зборуваме за тоа како насилството се препознава, но и како понекогаш со години го учиме како нешто „нормално“... во семејството, во партнерските односи, во воспитувањето, па и во начинот на кој разговараме со луѓето со кои не се согласуваме.

Кога насилството ќе стане нормално

Кога зборуваме за насилство, најчесто прво помислуваме на највидливата форма. Некој некого удрил, има повреда, има сведоци, нешто конкретно се случило. Многу потешко е да зборуваме за однесувања кои со години биле дел од секојдневието и кои можеби никогаш не сме ги нарекувале насилство.

Во разговорот со Деспина Ковачевска за „Како си?“ ова прашање се појавува во различни форми. Деспина работела како дефектолог со деца и родители, е гешталт терапевт во едукација, а денес како медиа монитор секојдневно следи вести, социјални медиуми, коментари и начинот на кој јавноста реагира на различни настани.

Генерации луѓе пораснале во средина во која тепањето дома или во училиште не било нешто невообичаено. Ако детето не слуша, ќе добие шамар. Ако направи нешто погрешно, ќе биде удрено со прачка. Многумина денес на тие искуства гледаат со реченицата: „И мене така ми правеа, па што ми фали?“

Но тоа што нешто било вообичаено не значи дека било добро.

Авторитет од почит или авторитет од страв

Една од разликите што Деспина ја прави во разговорот е меѓу дисциплина и насилство.

„Идејата дека вие нема да го тепате сопственото дете не значи дека нема правила да му ставите и не значи дека нема да го научите како треба да функционира.“

Изборот не е меѓу родител кој тепа и родител кој го остава детето да прави што сака. Постојат правила, последици и авторитет и без физичко казнување.

„Авторитетот што доаѓа од почит, авторитетот што доаѓа од суштинско разбирање и учење на морално како треба да се однесувам и авторитетот што доаѓа од страв се многу поразлични работи.“

Ако детето не прави нешто само затоа што се плаши дека ќе биде удрено, тоа функционира додека стравот постои. Во еден момент детето расте, односот на силите се менува и стравот веќе не функционира на истиот начин. Останува прашањето дали навистина научило зошто нешто е погрешно или само научило дека не треба да го прави додека некој посилен го гледа.

Во разговорот се појавуваат и пораките со кои многумина сме растеле: „не те бива“, „глуп си“, „кај ти ќе го направиш тоа“, па и она познатото „јас сум те направил, јас ќе те убијам“. Не секоја таква реченица завршува со физички чин, но за детето и тие стануваат дел од сликата за тоа како изгледа односот со луѓето кои му се најблиски.

Кога другиот ќе стане „лош“

Пред разговорот да стигне до домашното насилство, зборуваме долго за медиумите и социјалните мрежи.

Деспина зборува за тоа колку лесно денес целиот човек го сведуваме на една негова карактеристика. Ќе видиме политички став, партиска определба или нешто објавено на профил и веќе мислиме дека знаеме кој е човекот пред нас. Социјалните мрежи дополнително го олеснуваат тоа затоа што најчесто ни покажуваат само мал дел од нечиј живот и личност.

Во еден момент несогласувањето престанува да биде за ставот.

„Не ова е лошо, туку ти си лош.“

Наместо да зборуваме дали нечие мислење е издржано, дали има факти зад него или зошто не се согласуваме, почнуваме да зборуваме за самиот човек. „Ти си глуп“, „ти не разбираш“, „со тебе нешто не е во ред“.

Деспина со вакви реакции се среќава и преку работата. Кога во медиумите ќе се појави случај на насилство, таа не ги следи само вестите туку и коментарите под нив. Покрај осудата на насилството, вели дека гледа и голема количина омраза насочена кон самите жртви.

Некој случај ќе предизвика силна реакција неколку дена. Ќе има вести, коментари, осуди и дебати. Потоа ќе помине недела, две или еден месец и вниманието ќе се префрли на нешто друго. Многу поретко се враќаме на прашањата зошто нешто се случило, како стигнало до таа точка и што би можело да спречи истото да се повтори.

Насилството не секогаш остава модринка

Физичкото насилство е најлесно да се препознае. Ако некој ве удри и остане белег, постои нешто што може да се види. Кај психичкото, економското или сексуалното насилство тоа често не е така.

Во разговорот се појавува едно едноставно прашање: дали може да постои сексуално насилство во брак? Деспина смета дека ако тоа прашање го поставиме на десет луѓе на улица, дел од нив сè уште би имале проблем да одговорат потврдно.

Слично е и со психичкото насилство. Постојани навреди, контролирање каде оди партнерот, со кого се гледа, проверување на телефонот, забранување контакти со пријатели и создавање страв можат да траат долго без некој од страна да забележи што се случува. Во други случаи економската зависност станува начин на контрола: едниот партнер има поголема финансиска моќ и одлучува што другиот смее или не смее да направи со парите.

Секако, една кавга во која двајцата ќе го подигнат тонот не е исто што и однос во кој едната личност постојано живее во страв од реакцијата на другата. Деспина дава примери со партнер кој без причина постојано проверува телефон, бара објаснување за секое движење, навредува или вика за ситници.

Насилниот однос не мора секој ден да изгледа како најекстремната верзија на насилство што ја имаме во глава.

„Зошто едноставно не си отиде?“

Ако партнерот те навредува, контролира или повредува, зошто едноставно не го напуштиш?

Од страна тоа може да изгледа како логично прашање. Можеме дури и да бидеме убедени дека ние веднаш би заминале. Во разговорот признавам дека би сакал да верувам дека и јас би постапил така, но реално не можам да знам како би размислувал ако со години сум живеел во таков однос.

Некој можеби нема каде да оди. Можеби нема сопствени приходи. Можеби има деца. Можеби со текот на времето изгубил дел од самодовербата и вербата дека може да функционира сам. „Лесно е од надвор ние да гледаме... еј, ја вака би постапил“, зборуваме во епизодата, но одвнатре ситуацијата може да изгледа сосема поинаку.

Деспина тука го објаснува и она што се нарекува циклус на насилство.

На почетокот не мора веднаш да има физички напад. Се создава тензија. Нешто не е во ред, но жртвата не знае точно што. Почнува да се прашува дали направила нешто погрешно и се обидува да ја поправи ситуацијата. Потоа доаѓа насилниот чин. После него следува период во кој агресорот се извинува, ветува дека нема да се повтори и може повторно да биде човекот со кој жртвата првично сакала да биде.

„Станува агресорот баш онака најдобар на свет и вие почнувате да верувате дека вистински тоа се сменило.“

Некое време навистина може да изгледа дека се сменило. Токму тој период повторно ја отвора можноста дека овојпат можеби било последен пат.

Со страв и надеж

Кон крајот од разговорот Деспина зборува за нешто што не се однесува само на насилните односи.

„Ние во односите секогаш влегуваме со страв и надеж.“

Страв дека другиот може да нè повреди и надеж дека тоа нема да го направи. Во секој нов однос внесуваме дел од она што сме го искусиле претходно.

Деспина раскажува и за тоа што се случува кога ќе наидеме на реакција различна од онаа на која сме навикнати. Ако некој пораснал во средина во која конфликтот значел викање или агресија, може да научи како да се снаоѓа токму во такви ситуации. Кога другиот одеднаш ќе реагира мирно, стариот механизам повеќе не функционира. Човекот едноставно не знае што да направи со тоа.

Веројатно тука и станува најтешко да повлечеме чиста линија меѓу она што сме го научиле и она што самите сме го избрале. Ако нешто сме го гледале дома, во училиште или во врските околу нас, можеби долго време воопшто нема да ни изгледа необично. Некои работи ќе ги препознаеме дури кога ќе видиме дека еден однос може да изгледа и поинаку.

И можеби токму затоа реченицата „И мене така ми правеа, па што ми фали?“ кажува повеќе отколку што изгледа на почетокот. Понекогаш она што ни било нормално е само она што најдолго сме го гледале.

Listen to the episode