Лесно е да влеземе во партнерски однос со идеја дека најтешкиот дел веќе поминал. Сме ја нашле личноста со која сакаме да бидеме, сме се избрале еден со друг и очекуваме дека заедничкиот живот некако природно ќе си дојде на место. Сепак, токму заедничкиот живот ги отвора прашањата за кои претходно можеби воопшто не сме морале да размислуваме. Нашите навики, обврски, семејства, финансии, начинот на кој комуницираме и начинот на кој се однесуваме кога сме уморни или под притисок, одеднаш стануваат дел и од животот на некој друг.
Во разговорот со Елена Џебр во „Како си?“, зборувавме и за моето искуство од првите месеци во брак. Една од работите што тогаш ги учев беше дека можеш да имаш добар однос со некого и сепак заедничкиот живот да бара многу повеќе приспособување отколку што си очекувал. На тоа Елена одговори со една реченица која добро го постави остатокот од разговорот: „Не постои спремност пред време. Капацитетот се гради во моментот кога се случуваат работите.“
Можеме однапред да разговараме за тоа каде ќе живееме, како ќе ги поделиме трошоците или што очекуваме од бракот, но многу работи ќе ги научиме дури кога ќе се најдеме во нив. Не знаеме како ќе изгледа нашиот живот по пет или десет години, низ какви периоди ќе поминеме, како ќе се промени личноста со која сме, ниту како ќе се промениме самите.
Тука се појавува една од главните идеи од разговорот: партнерството не е нешто што во еден момент конечно го учиме. „Партнерството е нешто коешто доживотно ќе се работи. Не постои период во животот кога на партнерството не треба да работиш“, вели Елена. Со текот на времето се менуваат околностите, приоритетите и луѓето, а она што функционирало во една фаза од односот не мора да функционира во следната.
Кога „работата на себе“ станува проблем
Нашата претстава за љубовта често не изгледа така. Многу од приказните со кои растеме најголемото внимание го посветуваат на пронаоѓањето на вистинската личност и почетната заљубеност. Кога двајцата конечно ќе завршат заедно, приказната завршува. Во реалниот живот, токму тогаш започнува периодот за кој многу помалку зборуваме: годините во кои двајца луѓе продолжуваат да се менуваат, а со нив треба да се менува и односот.
Еден од ризиците е партнерот постепено да почнеме да го подразбираме. Работите што на почетокот сме ги забележувале и ценеле стануваат дел од секојдневието, додека многу полесно го забележуваме она што другиот не го направил. Во исто време, може да почнеме да правиме споредби и околу тоа кој колку напредува, особено во време кога „работата на себе“ стана важен дел од начинот на кој зборуваме за личниот развој.
Во терапија, вели Елена, понекогаш среќава луѓе кои почнале да читаат, да одат на терапија и поинтензивно да размислуваат за сопствените обрасци, а со текот на времето почнале да чувствуваат дека партнерот не се развива со исто темпо. Од таа позиција лесно може да се појави убедувањето дека едниот „работи на себе“, а другиот стои во место.
Но партнерскиот однос не функционира во изолација. Некој можеби можел повеќе да се посвети на кариерата затоа што партнерот презел поголем дел од обврските дома. Во друг период улогите може целосно да се сменат. Некој може да поминува низ загуба, болест или период во кој едноставно нема ист капацитет како претходно. Затоа, како што вели Елена, „тоа што работиме на себе не значи дека сме подобри од другите“.
Работата на себе има вредност ако ни помогне подобро да го разбереме и сопствениот удел во односот, а не само да станеме подобри во препознавањето на недостатоците на другиот.
За што навистина се караме?
Истото прашање за сопствениот удел се појавува и кога зборуваме за конфликтите. Во расправија многу лесно можеме да поминеме половина час обидувајќи се да утврдиме кој што кажал, што точно се случило и чија верзија е поточна. Во нашиот разговор зборував за нешто што го научив преку брачно советување: понекогаш решавањето на деталите не помага многу ако едната личност сè уште чувствува дека воопшто не била слушната.
Зад расправијата за нешто навидум мало може да стои сосема друга потреба. Елена ги опишува тие чувства со зборовите: „Не сум видена. Не сум прифатена. Не сум избрана. Не се чувствувам сигурна.“ Подоцна во разговорот го користиме примерот со чашата — предмет околу кој може да започне расправија, иако проблемот речиси сигурно не е самата чаша. Некој можеби во неа препознава уште еден момент во кој чувствува дека не бил земен предвид, дека нешто што му е важно повторно било игнорирано или дека истиот проблем се повторува.
Тоа не значи дека зад секоја ситна расправија мора да бараме траума од детството или скриена психолошка причина. И самата Елена предупредува против таквото толкување на секој проблем. Но вреди да се провери дали разговорот што го водиме навистина е за предметот околу кој се расправаме или за нешто што долго време не сме успеале добро да си го кажеме.
Мора ли да мислиме исто?
Во епизодата зборуваме и за уште една разлика што лесно се губи во партнерските односи: разликата меѓу вредностите и мислењата. Јас споделив дека ми е важно со сопругата да имаме слични погледи за одредени политички и општествени прашања, а Елена ме предизвика да размислам дали тоа навистина е вредност или едноставно сакам личноста до мене да има исто мислење како мене.
Двајца луѓе можат различно да размислуваат за начинот на кој треба да ги воспитуваат децата, а семејството и за двајцата да биде една од најважните вредности. Може да имаат различни политички ставови, а да ги делат чесноста, емпатијата или чувството за одговорност. Проблемот понекогаш не е самата разлика, туку она што таа разлика го буди во нас. Ако несогласувањето го толкуваме како знак дека другиот не нè разбира или дека различноста на крајот ќе нè раздели, обична разлика во мислење лесно добива многу поголема тежина.
Границата не е обид да го смениме другиот
Слична прецизност е потребна и кога зборуваме за граници. Тоа е збор што денес често го користиме, но понекогаш под поставување граница подразбираме барање другиот да се промени. „Кога поставуваме граници не ја менуваме другата личност“, вели Елена.
Ако во расправија партнерот вика, границата не е само да му кажеме дека повеќе не смее да вика. Можеме да кажеме дека ако викањето продолжи, ќе ја напуштиме просторијата и ќе разговараме подоцна. Во вториот случај не одлучуваме како ќе се однесува другиот, туку што ќе направиме ние ако ситуацијата продолжи.
Многу полесно е ова да се објасни во разговор за комуникација отколку да се направи среде вистинска кавга. Ваквиот начин на комуникација е вештина што се учи. Не сме автоматски добри во разрешување конфликти само затоа што некого сакаме. Треба да научиме како да кажеме што ни пречи, како да го слушнеме другиот и кога воопшто е добро време да го започнеме разговорот. Ако партнерот во тој момент е преоптоварен или нема капацитет да слуша, понекогаш е подобро разговорот да продолжи подоцна отколку по секоја цена да го решиме веднаш.
Љубовта во секојдневието
На крајот од епизодата, Елена предлага љубовта да не ја гледаме само како чувство или концепт, туку како дејствување. Во долгите односи лесно престануваме да ги забележуваме токму постапките преку кои партнерот секојдневно ни покажува дека се грижи.
Во почетокот на врската обрнуваме внимание на речиси сè: порака, мал гест или фактот дека некој одвоил време за нас. Неколку години подоцна, партнерот можеби секој ден прави десет работи со кои ни го олеснува животот, но тие веќе станале дел од нормалното функционирање на домот. Многу побрзо ќе ја забележиме единаесеттата работа што не ја направил.
Ако партнерството навистина е нешто на кое се работи цел живот, таа работа најчесто нема да изгледа спектакуларно. Ќе биде во разговорите што сме научиле подобро да ги водиме, во границите што сме научиле појасно да ги поставуваме, во периодите кога едниот може да понесе повеќе затоа што другиот нема капацитет, но и во способноста да продолжиме да го забележуваме она што другиот го прави за нас откако одамна сме престанале да го сметаме за нешто посебно.
Во таа смисла, идејата дека „љубовта е дејство“ не е некоја голема романтична дефиниција. Повеќе е потсетување дека чувството со кое започнува една врска и начинот на кој таа врска се одржува со години не се секогаш иста работа. Љубовта ја чувствуваме, но во секојдневниот партнерски однос таа неизбежно мора и да се покаже.

