„Ние знаеме како на шега да речеме дека ние од криза не сме излезени.“
Кога д-р Александар Митов зборува за стресот во Македонија, почнува токму оттука. Во последните триесетина години се менувале кризите, но ретко сме имале долг период без некоја од нив. Транзиција, економски и политички кризи, пандемија. На една ќе ѝ дојде крајот, ќе се појави друга.
На мозокот, објаснува Митов, му одговара предвидливост. Кога околината е непредвидлива, од нас постојано се бара да се приспособуваме. Тоа можеме да го правиме прилично добро, понекогаш толку добро што повеќе и не забележуваме што сме прифатиле како секојдневие.
За да го објасни тоа, Митов дава едноставен пример. Замислете дека седите дома, а соседот над вас пуштил гласна музика. По некое време можеби ќе се навикнете. Ќе продолжите да работите и да разговарате, можеби во одреден момент нема ни свесно да размислувате за музиката. Но таа сè уште свири.
Во таков фон живееме, а врз него во последните години додадовме уште многу други звуци.
Стресот не е секогаш проблем
Разговорот за стресот често започнува со претпоставката дека треба да се ослободиме од него, но Митов не го гледа така. Стресот е дел од механизмите што ни помагаат да реагираме кога ќе се најдеме во нова или непредвидлива ситуација. Може да нè направи повнимателни и попрецизни, да ни помогне да се приспособиме на нова работа или средина и да нè подготви за нешто што бара поголема концентрација.
Тој прави разлика меѓу продуктивен и непродуктивен стрес. Проблемот не е во тоа што организмот го има овој механизам, туку колку често го активираме и колку долго го оставаме вклучен. Понекогаш за тоа не треба ни некој голем животен настан. Доволно е да влеземе во автомобил во Скопје во погрешно време од денот.
Самата ситуација ќе помине, но такви мали извори на стрес во еден обичен ден може да има многу. Еден сам по себе можеби не значи ништо посебно. Кога постојано се редат еден по друг, веќе е потешко да забележиме кога сме се навикнале да функционираме во состојба на постојана напнатост.
Немаме црвено светло
Кога нешто не е во ред со автомобилот, на контролната табла ќе се запали светло. Со телото е покомплицирано. Ако со месеци не спиеме доволно, нема да се појави црвен симбол со перниче кој ќе ни каже дека е време да спиеме повеќе. Ако не се движиме, лошо се храниме или долго време сме под стрес, телото ќе испраќа сигнали, но тие не се секогаш толку очигледни.
Во секојдневие во кое од една обврска веднаш преминуваме во друга лесно е долго време воопшто да не ги забележиме. Затоа Митов предлага повремено да одвоиме петнаесетина минути, без посебна агенда, и да се прашаме: „Како сум?“
Овојпат не како куртоазно прашање кон некого што сме го сретнале, туку како вистинска проверка на сопствената состојба.
„А знаете како, ако не можете да ја препознаете состојбата, многу е мала веројатноста дека ќе изреагирате соодветно на неа.“
Во медицината, вели Митов, прво се дијагностицира, па се лекува. Не е лош принцип ни за секојдневието.
Заборавивме како да ни биде досадно
Во еден дел од разговорот стигнуваме до нешто што порано тешко дека би го сметале за посебна вештина: да не правиме ништо.
Митов зборува за досадата прво преку децата. Кога немаат екран или готова содржина пред нив, мораат сами да смислат што ќе прават. Ќе измислат игра, ќе истражуваат, ќе ја употребат фантазијата. Не се само набљудувачи на нешто што некој друг го создал. Но проблемот одамна не е само кај децата. И ние возрасните сè потешко поднесуваме празен простор во денот.
Ако пешачиме, пуштаме музика или подкаст. Ако чекаме некого две минути, го вадиме телефонот. Дури и кога ќе отидеме во природа, често имаме потреба нешто да ни зборува во слушалките. „Сега кога сме отишле во природа, ајде да ги слушаме птиците“, вели Митов.
Не предлага да престанеме да слушаме музика и подкасти. Разговорот повеќе се задржува на тоа колку малку моменти ни останаа во кои нема нешто ново што треба да го слушнеме, погледнеме или прочитаме.
Според Митов, никогаш претходно мозокот не примал толку информации како денес. Некогаш сме чекале вести во одреден термин. Денес една вест ќе ни стигне на телефон, а пред воопшто да имаме време да размислиме за неа веќе гледаме друга. После неа има видео, порака или нотификација.
И кога ќе треба половина час да останеме само со една задача, откриваме дека тоа не оди толку лесно.
Отворени шахти
Кога зборуваме за телефоните и социјалните мрежи, Митов користи термин што тешко се заборава: „отворени шахти“.
Ако некој оставил шахта отворена на темна улица и човек падне во неа, можеме да кажеме дека требало подобро да гледа каде оди. Но не можеме да го игнорираме фактот дека шахтата била оставена отворена.
Митов на сличен начин гледа и на дел од технологијата што ја користиме. Од корисникот очекуваме сам да покаже доволно дисциплина и да знае кога да го остави телефонот, додека од другата страна стојат компании кои имаат корист од тоа што тој ќе остане уште пет, десет или триесет минути.
Во разговорот дури го превртува прашањето што обично си го поставуваме. Наместо само „зошто луѓето не можат да го остават телефонот?“, го поставува и прашањето што го поставуваат оние што го прават производот: „How do I hook them?“
Тоа особено го загрижува кога зборуваме за деца. „Ајде да си играме“ за една генерација значело да се соберат неколку деца од маало и да излезат надвор. Денес може да значи истите тие деца да седат секое во својот дом и да се најдат во иста онлајн игра.
Телефоните нема да исчезнат, а ниту Митов предлага да живееме како да не постојат. Но „отворена шахта“ е корисна слика токму затоа што одговорноста не ја остава само на едната страна.
Зафатен не значи продуктивен
Телефонот не е единственото место каде што вниманието ни оди во неколку насоки. Истото го правиме и додека работиме. Ќе почнеме една задача, ќе стигне порака, ќе отвориме мејл, ќе се вратиме на задачата, а во меѓувреме веќе сме отвориле уште нешто.
На крајот сме биле активни цел ден и лесно е тоа да го помешаме со продуктивност.
„Честопати луѓето ги лаже самата активност, ги лаже дека завршуваат многу работа“, вели Митов.
Она што го нарекуваме мултитаскинг, според него, најчесто е брзо префрлање на вниманието од едно место на друго. А ако сакаме нешто добро да научиме или да сработиме, сепак мора некое време да останеме само со него.
Во истиот дел од разговорот зборуваме и за „хасл културата“, за чувството дека секогаш може уште нешто да се заврши. Денот е исполнет, нешто постојано правиме и тоа лесно создава чувство дека добро сме го искористиле времето. Дали навистина сме завршиле нешто е друго прашање.
Тогаш решив да му го поставам прашањето обратно.
Како да имаме повеќе стрес?
Советот на Митов започнува со спиењето. Ако сакате повеќе стрес, спијте пет часа, а ако можете и помалку. Седете на телефон до моментот кога ќе заспиете, по можност со екранот силно осветлен, а телефонот оставете го веднаш до креветот за да можете да го земете уште пред целосно да ги отворите очите следното утро.
Потоа, не бидете физички активни и не обрнувајте многу внимание на тоа што јадете. Во текот на денот поминете што повеќе време пред екран, а ако можете да стигнете до дванаесет часа на телефон, уште подобро. Продолжете така неколку недели и веројатно сте направиле прилично многу за да се чувствувате полошо.
Намерно е претерано, но само до одредена точка.
„Жално е што на многумина, ова парадоксално што го кажав, им наликува животот во некои делови токму на овој контрасовет.“
Тука шегата од насловот станува малку понепријатна. Пет часа сон, телефон во кревет, премалку движење и премногу време пред екран не звучат како некаков бизарен експеримент. За многу луѓе, барем дел од тоа е обичен вторник.
Што можам јас да направам?
На почетокот од разговорот зборувавме за средина во која кризите се редат една по друга. Подоцна стигнавме до технологии кои се направени да ни го задржат вниманието. Ниту едното ниту другото можеме сами да го решиме.
Митов сепак не сака разговорот да заврши со тоа дека условите се такви и тука приказната завршува. Прашањето што го поставува е многу помало: „Што можам јас да направам?“
Ако одговорот е дека ни треба повеќе сон, ќе треба да видиме што правиме во времето во кое би можеле да спиеме. Ако сакаме повеќе да се движиме, треба некаде во денот да направиме место за тоа. Истото важи и за телефонот. Не е доволно да заклучиме дека поминуваме премногу време на него ако секоја вечер повторно го носиме во кревет со нас.
Во овој дел Митов зборува и за цената на промената. Ако нешто сакаме да додадеме во денот, често нешто друго ќе треба да тргнеме. Не мора промената веднаш да биде голема. Некој што воопшто не се движи може да почне со пет минути пешачење. Телефонот може да остане во друга просторија половина час наместо од утре да си ветиме дека целосно ќе го смениме односот со него.
„Прво малку, после многу“, вели Митов.
Можеби пет минути пешачење нема да го сменат денот. Нема ни половина час без телефон да ја реши гужвата во Скопје, следната политичка криза или музиката од соседот.
Ама барем тој половина час нема да го додадеме на вревата.

