


Зошто постои „Како си?"
„Како си?“ започна од едно многу едноставно прашање. Прашање кое го поставуваме речиси секој ден, ама ретко застануваме навистина да го слушнеме одговорот.
Кога го почнав поткастот, идејата беше едноставна - сакав да седнам со различни луѓе и да разговарам за работи за кои можеби не зборуваме доволно. За менталното здравје, односите, спортот, работата, семејството, стравовите, успесите и неуспесите.
После повеќе од 100 разговори, мислам дека токму тоа сè уште ми е најинтересно кај „Како си?“. Никогаш не знам каде ќе нè однесе разговорот. Некогаш имам психолог пред мене, некогаш спортист, претприемач или музичар. А многу често најинтересниот дел од разговорот е нешто што воопшто не сме планирале да го отвориме. И можеби баш тоа сакам да остане „Како си?“ — место каде што можеме малку поискрено да зборуваме за тоа како навистина сме.
Сè уште ме изненадува колку различни луѓе поминуваат низ многу слични работи.
Од психолози и спортисти до музичари, претприемачи и луѓе со приказна што вреди да се слушне.
Без разлика кој седи од другата страна, разговорот секогаш почнува со: „Што е ментално здравје за тебе?“
