Во спортот, тренерите најчесто ги мериме преку резултатот. Колку натпревари победиле, колку титули освоиле, дали влегле во повисок ранг и каде завршиле на табелата. Тоа е разбирливо. Натпреварувањето постои за некој да победи, а Горан Андреевски сигурно не е тренер кој ќе каже дека резултатот не му е важен. Во разговорот за „Како си?“ отворено признава дека не сака да губи и дека поразите тешко ги поднесува.
Но кога некој успешно води кошаркарски клуб 26 години, резултатот од последната сезона е само мал дел од приказната.
Кога зборуваме зошто Водно Санс никогаш целосно не се насочил кон создавање силна сениорска екипа, Горан се навраќа на клубовите што во различни периоди играле во највисоките лиги, а денес речиси никој не ги памети. За разлика од нив, вели, луѓето сè уште знаат кои играчи и тренери излегле од Водно Санс.
„Многу повеќе ме исполнува фактот што ние градиме нешто што е препознатливо на подолг рок, него ли нешто што се заборава после година дена.“
Во еден момент поставува и прилично едноставно прашање: кој бил шампион на Македонија до 16 години пред две години? Малкумина би знаеле. Многу полесно се паметат играчите кои од тие генерации продолжиле понатаму, стигнале до повисоко ниво или заиграле за репрезентација.
„Оставаме траги коишто никој не може да ги избрише.“
Кога Партизан ќе те праша колку пари сакаш
Една од приказните што добро го објаснуваат начинот на кој Водно Санс се развивал започнува со Андреј Магдевски.
Во 2010 година клубот оди во Србија на пријателски натпревари. Преку контакти со тренери од Црвена ѕвезда добиваат можност да одиграат и против младинскиот тим на Партизан, кој во тој период има една од најсилните школи во регионот.
Магдевски постигнува повеќе од 40 поени. Од Партизан ги покануваат да останат уште еден ден и да одиграат повторно. Следниот ден тој повторно постигнува повеќе од 40, а набргу стигнува и прашањето од белградскиот клуб: колку пари сакате за да дојде во Партизан?
За Водно Санс, кој во тие години немал голем буџет, понудата можела да биде добредојдена. Горан, сепак, бара нешто друго.
„Ако земам пари, ќе ги потрошам за една недела“, се присетува тој. Наместо финансиска компензација, бара соработка. Водно Санс да може да го користи името на Партизан, младите екипи да играат пријателски натпревари со нивната школа, а тренерите од Скопје да можат да следат тренинзи и натпревари на првиот тим.
Од Партизан го прифаќаат предлогот за помалку од еден час.
Соработката потоа трае со години. Деца од Скопје добиваат можност да играат против нивни врсници од Партизан, тренерите од Водно Санс одат во Белград, а во еден период Горан има можност да комуницира и со Душко Вујошевиќ околу неколку свои играчи.
Парите од трансферот одамна би биле потрошени.
Не знаеме кој ќе биде најдобар на 14 години
Во младинската кошарка вниманието природно оди кон децата кои први ќе се истакнат. Некој е повисок од врсниците, некој е побрз, некој физички созрева порано, а некој едноставно има повеќе талент. На 13 или 14 години понекогаш изгледа прилично јасно кој ќе биде добар играч.
Само што не секогаш излегува така.
Горан како пример го користи Никола Јаничиќ. До околу 14 години бил меѓу подобрите во својата екипа, но имало и други деца кои во тој период повеќе се истакнувале. Разликата почнала да се гледа во она што се случувало кога тренингот ќе завршел. Додека другите си оделе, Јаничиќ останувал со следната група, а понекогаш продолжувал да работи и сам.
„Денес, во денешно време мислам дека работата те прави подобар, а не талентот. Талентот можеби веќе се сведува на некои 10%. Може ќе ти даде малце предност на почеток, ама тој што работи... тоа ќе излезе на виделина.“
Потоа раскажува за Марко, играч за кого самиот признава дека немал големи очекувања. Не изгледал како типичен кошаркар и во тогашната екипа бил повеќе на страна. Подоцна заминал во друг клуб, но продолжил да тренира. Горан го гледал на различни игралишта како работи сам.
По две години повторно се сретнале на натпревар.
Овојпат неговата екипа не можела да го чува.
Марко на крајот не направил голема професионална кариера, но за одреден период успеал да ги надмине играчите од кои на 14 години се очекувало многу повеќе. За тренер кој секојдневно мора да проценува деца, да избира кој ќе игра повеќе и да одлучува кому ќе му даде дополнителна шанса, таквите примери тешко се забораваат.
Не секое дете е во сала од иста причина
Во еден момент од разговорот поставуваме друго прашање: зошто воопшто едно дете игра кошарка?
„За некои кошарката претставува задоволство, за некои претставува едноставно трошење енергија, за некои претставува еден вид на задача, обврска којашто можеби родителите им ја дале, за некои и амбиција неостварена на родител.“
Тоа веројатно го знае секој тренер кој поминал доволно време со деца. Во иста група може да има дете кое сонува да игра професионално, друго кое дошло затоа што другарите се таму и трето кое можеби воопшто не би било во сала доколку родителите не го донеле.
Најголемиот дел од нив нема да станат професионални кошаркари.
Сепак, со години ќе доаѓаат на тренинг неколкупати неделно и ќе поминуваат голем дел од детството со тренери и соиграчи. Ќе научат како изгледа кога некој друг е подобар од нив, како е да седат на клупа, како се реагира по грешка и што значи да се вратиш на тренинг ден по лош натпревар. За некои кошарката ќе продолжи и по средно училиште, а за други тука ќе заврши.
Во тој дел од разговорот Горан се навраќа и на нешто што го научил од Душко Вујошевиќ во годините на соработка со Партизан. Вујошевиќ бил познат по тоа што на играчите им давал книги за читање, а Горан го памети неговото инсистирање спортистите да го развиваат умот и да станат „целосна личност“. Да не дојдат до моментот во кој целиот нивен идентитет е: „Јас сум добар кошаркар и после тоа што биде.“
За неколкумина од децата што ќе поминат низ еден младински клуб, кошарката можеби навистина ќе стане професија. За останатите, прашањето е што ќе понесат со себе кога ќе ја напуштат салата.
Што е успех за еден тренер?
Горан не зборува за тренерската работа како некој што престанал да се интересира за победите. Напротив, во разговорот неколкупати станува јасно колку тешко ги доживува поразите и колку е натпреварувачки настроен. Кога зборува за сениорска кошарка, дури вели дека не гледа голема смисла да влезе во натпреварување ако клубот нема услови навистина да биде конкурентен.
Можеби затоа неговиот однос кон младинските резултати е поинтересен. Не станува збор за избор меѓу победување и развој, туку за тоа колку долго трае вредноста на едното и на другото.
По 26 години, зад Водно Санс има натпревари што одамна никој не ги памети. Има победи за кои веројатно веќе не се знае резултатот и генерации кај кои тешко би се сетиле каде завршиле на табелата. Но има и играчи кои стигнале до репрезентација, деца кои продолжиле во поголеми клубови, тренери кои излегле од системот и една кошаркарска школа која сè уште работи.
Кога доволно долго си тренер, веројатно имаш привилегија да ги видиш и двете страни. Знаеш колку многу значи победата во моментот кога ќе се случи, но имаш и доволно години зад себе за да видиш колку брзо може да биде заборавена.
А она што останало после неа е малку полесно да се препознае.

