Сите статии
24 септември 2026 г. · EP #114 · Како си?

Не можеш сите да ги тренираш исто

Емил Рајковиќ повеќе од 20 години работи како кошаркарски тренер, со играчи од различни земји, култури и фази во кариерата. Во разговорот за „Како си?“ зборуваме за самодовербата, притисокот, односот меѓу тренерот и играчот и зошто понекогаш најважниот дел од тренингот се случува надвор од салата.

Не можеш сите да ги тренираш исто

Неколку дена пред еден од најважните натпревари во кариерата на Емил Рајковиќ, Благоја Патровски – Еро им кажува на тренерите на Работнички да му дадат шанса.

„Дајте му шанса на Емил. Не промашува на тренинг.“

Рајковиќ се сеќава дека во тој период погодувал и по 113 од 120 тројки на тренинг. Натпреварот што следува е решавачки против МЗТ за шампионската титула, а пред да почне, Марин Докузовски му приоѓа со порака што на прв поглед и не звучи како некоја голема мотивација.

„Абе копиљ, ќе погодиш некоја тројка денес?“

Докузовски го познавал доволно добро за да знае што ќе предизвика тоа кај него. Наместо да го смири или да му каже дека верува во него, го провоцира. Рајковиќ му одговара: „Да, само дај ми шанса.“

Првиот шут го промашува. Докузовски му вели да продолжи. Потоа погодува пет-шест шута по ред и натпреварот го завршува со 21 поен. Работнички ја освојува седмата шампионска титула.

Години подоцна, Рајковиќ не ја памети таа ситуација само по погодените тројки. Ја користи како пример за нешто што самиот се обидува да го прави како тренер: да знае со кого работи.

Прво треба да го познаваш човекот

Кога го прашувам како му помага на играч кој има квалитет, но нема самодоверба, Рајковиќ не нуди техника што може да се примени на секого.

„Мислам дека сè почнува од познавањето на човекот со којшто работиш.“

За него тоа значи да знае нешто и за професионалниот и за приватниот живот на играчот, доволно за да разбере од каде доаѓа проблемот. Кај некого недостига самодоверба. Кај друг може да изгледа дека има и премногу.

Во текот на кариерата среќава играчи кај кои големата самоувереност всушност е фасада. Однадвор делуваат арогантно и сигурно во себе, а зад тоа има несигурност што се обидуваат да ја заштитат. Тогаш работата на тренерот не е само да каже „верувај во себе“, туку да најде што навистина стои зад однесувањето.

Истото важи и кога проблемот е на теренот. Ако играчот нема самодоверба во шутот, разговорот може да помогне, но Рајковиќ инсистира дека мора да постои и работа зад него. Шутот треба да се повторува доволно пати, во услови што личат на натпревар, додека играчот не добие реална основа да верува во тоа што го прави.

Има играчи кај кои таа работа веќе е направена. Тренираат со часови, добро шутираат, а на натпревар сè уште се двоумат. Таму понекогаш е потребен некој од страна да го потврди она што играчот веќе го има.

Кај Рајковиќ тоа бил Докузовски.

Но истата реченица што функционирала со него не мора да функционира со друг играч.

Од милионери до играчи кои не знаат што ги чека

За дваесетина години како тренер, Рајковиќ работи во Македонија и во странство, со играчи кои доаѓаат од различни земји, религии и култури, но и од сосема различни места во професионалниот живот.

Некои се веќе големи имиња. Ги опишува како професионалци кои функционираат речиси како компании, со дваесетина или триесетина луѓе околу себе и милионски договори. Имаат статус, искуство и јасна претстава за тоа што очекуваат од клубот и тренерот.

Во истата професија работи и со млади играчи кои, како што вели, се „целосно изгубени“ и сè уште не знаат ни што значи вистински професионален тренинг.

Од тренерот се очекува да најде начин да стигне и до едните и до другите.

Рајковиќ вели дека токму затоа му е важно да има интереси и знаење и надвор од кошарката. За да воспоставиш однос со човек кој доаѓа од друга земја, култура или животна средина, прво треба да најдеш нешто преку кое можете да разговарате.

Еден од тренерите од кои учи поинаков пристап е Стерули Андоновски. Кај него гледа што значи тренерот да биде „татковски“ поставен кон играчите: да помогне околу проблем кој можеби воопшто нема врска со кошарка и така прво да ја добие довербата на човекот.

Рајковиќ вели дека лојалноста што ја добиваш на човечко ниво потоа се гледа и на теренот.

Разговорите во парк

Кога подоцна самиот почнува да води екипи, дел од таа работа ја прави надвор од тренинг.

Од периодот со Фени се сеќава на играчи како Дарко Соколов и Дарко Радуловиќ, кои во одредени моменти не играле на нивото што се очекувало од нив. Наместо секој разговор да го води во сала, Рајковиќ оди со нив на прошетка во парк.

Таму зборуваат за она што не оди.

Неговата намера е да им ја врати самодовербата, но и да ги потсети на конкретните работи што ги прават добро. Смета дека тие разговори помогнале, а со текот на кариерата сè посвесно почнува да работи на психолошката страна на играчите.

Тоа не значи дека секогаш успева.

„Некогаш сме успевале, некогаш не.“

И тоа е веројатно важен дел од тренерската работа што лесно се губи кога однадвор ја гледаме само табелата. Тренерот може да подготви тренинг, тактика и анализа на противникот. Работи и со луѓе кои не реагираат секогаш онака како што очекува.

Кога резултатот е твоја одговорност

Во професионалниот спорт таа работа сепак завршува со бројки. Победи, порази, место на табела, освоени или загубени титули.

Рајковиќ не бега од тоа. Во ATG загревањето го прашувам дали би избрал победа со лоша игра или пораз со добра. Првата реакција му е едноставна: секој тренер ќе ја избере победата.

Само што сезоната не се состои од еден натпревар.

Ако екипата е во процес на градење, вели дека понекогаш пријателски натпревар може да се жртвува за да се научи нешто што ќе биде важно подоцна. Резултатот останува важен, но тренерот треба да знае и каде се наоѓа екипата во процесот.

Истиот однос кон работата се гледа и кога зборува за сопствениот развој. Како помлад тренер поминувал долги часови во анализа, понекогаш до исцрпеност, за да дојде до решение. Денес вели дека искуството му овозможува побрзо да стигне до суштината и полесно да препознае на што треба да обрне внимание.

Дваесет години искуство не значат дека има еден одговор што сега го применува на сите. Напротив, колку повеќе зборува за тренерството, толку повеќе се враќа на индивидуалниот пристап.

Самодовербата не почнува со мотивациски говор

Како тинејџер, пред натпреварите Рајковиќ несвесно правел нешто што подоцна ќе го препознае како визуелизација. Ја замислувал салата во која ќе игра следниот ден, публиката, паркетот, кошот и топката што ја шутира кон него.

Во тоа време нема прочитано книги за спортска психологија. Подоцна, како тренер, почнува многу посвесно да размислува за психолошката подготовка и вели дека во одредени моменти таа може да биде поважна од физичката, техничката или тактичката подготовка.

Но низ разговорот постојано додава нешто на таа идеја.

Самодовербата не се гради само со убедување. За шутот треба тренинг. За разговорот треба доверба. За да знаеш што да му кажеш на играчот, треба да го познаваш.

Марин Докузовски можел пред финалето да му каже на Емил Рајковиќ: „Ти си одличен, верувам во тебе.“

Наместо тоа го прашал дали конечно ќе погоди некоја тројка, на начин на кој што ќе го испровоцира.

Со некој друг играч, тоа можеби би било најлошото нешто што можел да го каже.

Слушни ја епизодата